25.8 C
Skopje
среда, 3 септември 2025

Ѓоковиќ ветува: Против Алкарас нема да излезам со бело знаме на теренот

Новак Ѓоковиќ и на 38 години е фантастичен и се пласира во полуфиналето на Отвореното првенство на САД. Србинот го победи Тејлор Фриц со 3:1 во сетови, со што и по 11 меча ја продолжи перфектната низа во дуелите со Американецот.

„Тејлор беше подобар во вториот и во третиот сет. Во вториот сет некако успеав да се извлечам, најдов начин како да го освојам. Чувствував дека не играм доволно добро колку што можам и како што играв во некои претходни мечеви. Знаев дека Тејлор ќе игра агресивно и дека ќе ме притиска да бидам на основната линија. Добро е што во четвртиот сет успеав да се вратам, имав шанса барем само во еден гем и тоа беше доволно да го добијам и да победам. Ова беше еден од оние натпревари на кои морав да се борам со целото мое срце и така победив“, рече Ѓоковиќ по победата во четвртфиналето на Отвореното првенство на САД.

Следен предизвик за Ѓоковиќ ќе биде дуелот против Карлос Алкарас. Младиот Шпанец заедно со Јаник Синер се двајцата најтешки ривали за Ѓоковиќ од младата генерација на тенисери.

„Не треба да се трошат зборови за Алкарас и Синер. Тие се најдобри на светот во моментов и сите очекуваат дека тие двајца ќе играат во финалето. Сепак, јас ќе се обидам да им ги расипам плановите. Ќе видиме што ќе се случи. Сигурно нема да излезам со бело знаме на теренот кога играм против нив. Се пласирав во уште едно полуфинале на гранслем-турнир. Најконстантен сум на големите натпреварувања и верувам дека можам да бидам рамо до рамо со Карлос и да се надигрувам. Ќе видиме што ќе се случи“, рече Ѓоковиќ во исчекување на полуфиналето кое ќе се игра во петок.

- Оглас -

Најнови вести