Македонската кошаркарска репрезентација за една недела ги почнува квалификациите за Евробаскетот 2021, првиот дуел е со Естонија дома во „Борис Трајковски“, а во нашиот национален тим се оптимисти дека циклусот ќе се стартува со победа.
„Она што во моментов е најважно за мене, тоа е дека ова е најоптималниот состав. Веќе нема да има молење, кој сака да игра, ќе биде тука. Пресреќен сум што добив само еден негативен одговор од тие со коишто разговарав. Важно е овие шест дена да се подготвиме, ќе имаме пет вечерни тренинзи и еден пријателски меч и да бидеме здрави“, вели селекторот Александар Тодоров.
Само Предраг Самарџиски одбил да се појави со образложение дека нема пауза во турското првенство каде што игра, но Федерацијата нема да му се закани со суспензии. Во тимот е Марко Симоновски, кој нема клупски ангажман.
„Симоновски од дента кога го договоривме кондицискиот тренер, е во систем на подготовка. Имав размислување да дојде кај мене во Крајова да тренира со екипата, но немаше време за нормален циклус, игравме на секои три дена. Секогаш има ризик, но јас му верувам на Марко, се надевам дека ќе може да помогне. За седум дена само треба да го држиме нивото, нема да падне“, објасни Тодоров.
Што се однесува до противникот, направена е анализа на естонските играчи, познат е потесниот список. Цела подготовка ќе биде врз претпоставки, а за Тодоров подобро е што ќе играме дома.
„Имаме менталитет да ги почитуваме странците повеќе од тоа што го заслужуваат. Ги цениме повеќе од потребното. Не сме во група со Естонија, не би знаеле ниту еден нивен кошаркар. Не се плашиме ни од Италија, ќе играат со деца. Ги почитувам сите, но не сакам да зборуваме со стравопочит за нив и омаловажување за нас. Мислам дека нема да биде клучен првиот меч“, додава Тодоров.
„Се подготвуваме да обезбедиме најдобри услови, се надевам дека селекторот и играчите ќе бидат задоволни. Успех на репрезентацијата е успех на цела Македонија, сакаме да ја вратиме кошарката на тие патеки на коишто беше. Се надеваме дека ќе се вратиме на големите натпреварувања. Мислиме дека имаме реални шанси да ја победиме Естонија и да се направи позитивни атмосфера за понатамошниот дел од квалификациите. Го одложивме купот за подолго време за воигрување, тимот е подмладен“, рече директорот Тодор Гечевски.
„Имаме доволно време да се подготвиме за мечот со Естонија. Тоа е многу важен меч за нас. Посакувам да сме здрави и да одиграме добро. Чувствувам дека сум во натпреварувака форма, во По Ортез има 10 меча за еден месец, сега сум многу подобар од пред да дојдат во Франција“, изјави капитенот Војдан Стојановски.