Против нив ја забележавме најслатката победа во историјата, но сега се опасни

Грузија е следниот ривал на македонската фудбалска репрезентација во Лигата на Нации, ривал кој засекогаш ќе ни остане во пријатен спомен, бидејќи токму победата против нив на 12. ноември пред две години со 1:0 во Тбилиси ни донесе историски пласман на Европско првенство.

Тогаш во Ковид услови и пред празни трибини на „Борис Паичаѕе“ арената во главниот грузиски град го добивме финалниот меч на Д сегментот на Лигата на Нации со голот на Горан Пандев и потоа игравме на ЕП во Букурешт и Амстердам.

Сега Грузијците пак ни се ривали, во ново издание во Лигата на Нации и за три дена ќе ни бидат гости на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Мечот ќе се игра на 9. јуни од 20.45 часот, а Грузијците се во топ-форма и имаат убава серија од 7 меча без пораз.

Од нив шест им се победи, против Косово, Шведска, Узбекистан, Босна и Херцеговина, Гибралтар и Бугарија, а ремизираа со Албанија на гости што потврдува деке ќе бидат опасен противник.

И Македонија е во добар ритам со само еден пораз на последните шест натпревари, тој во Порто од Португалија со 2:0 во финалниот бараж за пласман на Светското првенство во Катар.

По две кола во четвртата група од Ц сегментот во Лигата на Нации, Грузија е лидер со 6 бода, пред Македонија со 4, Бугарија со еден бод и Гибралтар без бодови.

 

- Оглас -

Најнови вести