Протоколот „враќање во игра“ овозможи навреме да се одиграат 97 отсто од мечевите

Светот веќе научи повеќе од половина година да живее со опасниот корона-вирус. Кога вирусот првпат се појави во Европа во февруари и почетокот на март, се случи колапс на фудбалот. Се стопираа сите натпревари и тој „локдаун“ траеше три месеци.

За тоа време, челниците на УЕФА и на домашните првенства бараа начин како да се продолжи со фудбалот во услови на пандемија. Се формираше протоколот кој се нарече „Враќање во игра“, а од УЕФА се пофалија дека тоа бил добар потег. Од 5 август до 15 октомври беа одиграни вкупно 526 натпревари во осум различни натпреварувања на УЕФА, и тоа: Лигата на шампионите, Лигата на Европа, Лигата на шампиони за жени, младинската Лига на шампиони, Лигата на нациите, доигрувањето на квалификациите за ЕП 2020, како и квалификациите за ЕП за млади до 21 година и во женска конкуренција.

За да се одиграат сите тие средби, биле направени вкупно 61.859 тестови за корона-вирусот, а само 340 од нив биле позитивни, што е 0,55 отсто. Вкупно биле одложени само три средби, а дури 97 отсто од дуелите се одиграле во предвидениот термин.

Сите овие показатели се дека протоколот се покажал како успешен, но реално сега УЕФА ќе има многу поголем предизвик да го задржи истиот ритам и во следниот период, кога бројот на заразени на светско ниво нагло се зголемува.

 

- Оглас -

Најнови вести