Провокација или правда – Парагвајската полиција упаси играч на Ривер плејт

Николас де ла Крус беше приведен од хотелот во Асунсион, во кој престојува со соиграчите од Ривер плејт пред реванш-мечот со Серо Портењо во Копа Либертадорес, а причина е инцидентот од пред три години.

Парагвајската полиција го приведе 22-годишниот играч од средниот ред на информативен разговор, но набрзо Уругваецот беше вратен во хотелот.

Пред три години, како играч на младинскиот тим на уругвајски Ливерпул, Де ла Крус беше исклучен во финалето во Копа Либертадорес за играчи до 20 години против Сао Пауло, играно во Асунсион. Бесен по поразот, тој и уште четворица негови соиграчи имаа конфликт со полициското обезбедување, а Николас откако си замина, беше обвинет дека удрил претставник на службите за ред и мир.

И сега, по првото доаѓање на територија на Парагвај по инцидентот, веднаш беше приведен, но избегнат е скандал од поголеми размери пред реваншот од четврт-финалето во Копа Либертадорес, што треба да се игра ноќеска меѓу Серо Портењо и Ривер плејт.

Актуелниот шампион допатува со предност од 2:0, а ќе биде интересно да се види како притисокот врз Де ла Крус, кој е стандарден првотимец на Ривер, ќе влијае на неговиот настап на стадионот „Генерал Пабло Рохас“ во Асунсион.

 

- Оглас -

Најнови вести