Враќањето на Мејсон Маунт на „Стемфорд бриџ“, овојпат во дресот на Манчестер јунајтед, ќе биде во центарот на вниманието на вечерашниот дуел на Челзи и Црвените ѓаволи од англиската Премиер лига.
Маунт кој професионалната кариера ја почна во Челзи и беше нивен член од 2017 до 2023 година, период во кој настапи на 129 меча, летоска се пресели во Јунајтед. Вечерва првпат ќе биде во прилика да игра како гостин на стадионот „Стемфорд бриџ“.
Менаџерот на Манчестер јунајтед, Ерик Тен Хаг, го фалеше Маунт, а не пропушти прилика и да ги „боцне“ лондонските Сини.
„Мејсон е фантастичен фудбалер, знаеме дека може да дава голем придонес за тимот, но имаше серија повреди, па мора да бидеме внимателни со него, и тој го знае тоа. Мислам дека Челзи не сакаше да го продаде. Сакаа да го задржат, неколку пати му понудија нов договор, но тој беше решен да дојде кај нас“, рече Тен Хаг.