Вечното дерби меѓу Бразил и Аргентина веќе почна надвор од терен со истрага на властите против четворица репрезентативци на Аргентина кои играат во Англија.
Еми Буендија и Емилијано Мартинес од Астон Вила и Џовани Ло Селсо и Кристијна Ромеро од Тотенхем ги прекршиле Ковид протоколите и не се во карантин, како што наложуваат правилата во Бразил.
Тие доаѓаат од Англија, земја што е на црната листа за Ковид-19 на Бразил, заедно со Северна Ирска, Јужна Африка и Индија и мораше да бидат во изолација 14 дена.
Тоа не се случи и англискиот покер на Аргентинците допатува со остатокот од фудбалската експедиција од Каракас, Венецуела во Бразил.
Сега останува да се види дали Бразилците навистина ќе ги санкционираат четворицата репрезентативци, или ќе им дозволат вечерва од 21 часот да бидат во конкуренција за настап на вечното дерби што ќе се игра на „Пернамбуко“ арена во Ресифе.
Мечот е квалификациски за настап на Мундијалот во Катар идната година, а двете селекции се на првите две места во Јужноамериканските квалификации.
Бразил има максимален биланс од 7 победи по 7 кола и е на врвот со 21 бод, а веднаш зад нив е Аргентина со 15 бода, исто така без пораз, со четири победи и три ремија.
На 11. јули годинава Аргентина го победи Бразил со 1:0 на Маракана во финалето на Копа Америка, со што конечно Лионел Меси стаса до пехар со Гаучосите.