Со вечерашниот дуел (21 часот) на „Сантијаго Бернабеу“ меѓу Реал Мадрид и Манчестер сити започнува битката за пласман во големото финале во Лигата на шампионите.
Ова воедно претставува реприза од минатата година кога овие два тима исто така играа во полуфиналето и Кралевите по 210 минути игра, излегоа како победници. Првиот меч на „Етихад“ заврши со триумф на Граѓаните од 4:3, а во реваншот беше 2:1 за Реал и тоа благодарение на два гола на Родриго постигнати во последните моменти од мечот. Во продолженијата, на сцена стапи Карим Бензема, постигна уште еден гол и го однесе својот тим во финалето.
Оваа сезона, Манчестер сити е главен фаворит за трофејот според медиумите, но Кралевите знаат како се освојуваат трофеи.
“Три години по ред сме во полуфиналето на Лигата на шампионите. Тоа покажува каков континуитет имаме, но секако сакаме да одиме во финалето, а потоа и да се бориме за титулата”, изјави менаџерот на Сити, Хосеп Гвардиола, кој на трофеј во ЛШ чека од 2011 година.
Сити е во фантастична серија, има 10 победи по ред во Премиер лигата и е во пол-позиција во трката за титулата, додека Реал одамна се откажа ѝ и го препушти трофејот на Барселона.
Од друга страна, Реал Мадрид игра најдобро во одлучувачките натпревари и пре три дена покажа дека знае како се освојуваат трофеи. Кралевите со победата од 2:1 над Осасуна триумфираа во шпанскиот Кралски куп.
„Ова е важен период од сезоната и многу ни значи трофеј во купот. Не очекува спектакл против Сити, ова е дуел кој сите со нетрпение го очекуваат“, изјави тренерот на Реал, Карло Анчелоти.
Според традицијата, Реал Мадрид е фаворит, овие два тима прв пат се сретнаа во европските купови во 2012 година и оттогаш одиграа осум натпревари, двете екипи имаат по три победи, а два меча завршија без победник.
Најважните пресметки, во нокаут фазата, му припаднаа на Реал Мадрид, и двете беа во полуфиналето на Лигата на шампионите, минатата сезона и во 2016 година.
Но, сега менаџерот на Сити, Гвадиола, за разлика од минатата сезона, има голем адут во тимот, неверојатниот Ерлинг Халанд кој ги собори сите голгетерски рекорди во Премиер лигата.
„Не размислуваме како да го запреме Халанд, туку како да му се спротивставиме на тимот кој изгледа незапирливо. Тимовите се слични како минатата сезона, но тоа што ја прави разликата е мотивацијата, квалитетот на поединецот , а тоа го имаат и двата тима“, вели Анчелоти.