По распадот на СФР Југославија, Србија и Црна Гора беа републиките кои продолжија во заедничка држава. Сепак, по неколку години и Црна Гора си доби независност и станаа две посебни држави. Од тогаш, па се до денес, на фудбалски план немало дуел меѓу „братските“ земји.
Вечерва во Подгорица, Црна Гора е домаќин на Србија, во рамките од третото коло од Лигата на Нации. Црногорците апелираат на овој меч повторно да се навива како и на сите претходни и да се бодрат „соколите“ да стигнат до значајни три бода.
Србија има проблеми околу составот, па селекторот Младен Крстајиќ нема да може да смета на Александар Коларов и Немања Матиќ, со што значително е ослабен дефанзивниот ред. Без разлика на овие проблеми, гостите најверојатно ќе бидат со двајца напаѓачи и нема да се бранат. Задолжени за голови од првата минута треба да бидат Александар Митровиќ и Александар Пријовиќ, кој се наоѓа во одлична форма. Во средниот ред на Србија контролата на топката треба да ја имаат Миленкови-Савиќ, Тадиќ, Максимовиќ и Костиќ.