Манчестер јунајтед секогаш ја имал фаворитската улога кога играл на „Олд Трафорд“ против Арсенал. Сепак, „топчиите“ веруваат дека вечерва може да е одлична шанса да се стигне до трите бода од гостувањето кај големиот ривал. Арсенал е во одлична серија, 19 меча е без пораз во сите натпреварувања (15 победи и 4 реми), па затоа и самодовербата кај гостите е на највисоко ниво. Манчестер игра премногу променливо. Може да го победи Јувентус на гости во Торино во Лигата на шампионите, а потоа на свој терен да не успее да му даде гол на Кристал палас. Токму поради таа неконстантност, „црвените ѓаволи“ се далеку од трката за титулата во Премиер лигата.
Овој меч ќе има посебно значење. Ќе биде првото дерби по пауза од 32 години кога на клупата на едниот или другиот тим нема да биде запишано името на Сер Алекс Фергусон или Арсен Венгер. Тоа се двајцата најдолговечни тренери во еден клуб во историјата на Премиер лигата. На последниот меч кога ги немало Ферги и Венгер, Арсенал победил со 2-1, во дуел кој се одиграл на 23-ти август 1986 година на „Хајбери“ во Лондон. Од тој натпревар до денес се одиграа 82 меча на кои биле Ферги или Венгер.
Во лигашки дуел, Манчестер нема пораз од Арсенал на „Олд Трафорд“ на последните 11 меча. Лондончани последен пат се радувале во септември 2006 година. „Топчиите“ сепак имаат свежи спомени од победа во Манчестер, и тоа на средба од ФА купот, одиграна во март 2015 година (триумф од 2-1).
Манчестер има очајна одбрана сезонава. Досега прими 23 гола во 14 меча и само петте последнопласирани екипи во Премиер лигата имаат послаб биланс. Посебно ранливи се во првите 15 минути, кога биле матирани пет пати.
Арсенал е како прероден за разлика од минатата сезона. „Топчиите“ на гости сезонава досега освоија 16 бода, колку што имаа собрано во текот на целата мината сезона. Лошо за лондончани е тоа што како да го преспиваат првото полувреме, па се единствен тим кој немал предност во првите 45 минути. Ако првиот дел им е слабост, во второто полувреме се како машини и досега постигнале 24 голови, повеќе од кој било друг тим. Пјер-Емерик Обамејанг е непогрешлив и успеа да даде гол во сите 10 прецизни удари кон противничкиот гол. Последен кој успеал да му одбрани удар на Обамејанг е Лукас Фабијански од Вест хем, на меч одигран во август.
За денешниот меч поради суспензии нема да може да играат Ешли Јанг (Манчестер ј.) и Гранит Џака (Арсенал). Менаџерот на Манчестер, Жозе Мурињо изјави дека ни самиот не знае кои играчи ќе бидат во стартниот тим и дека тоа може да го одлучи и на само два часа пред почетокот на дуелот.
Овие два англиски гиганти досега имаат одиграно 228 меча во сите натпреварувања и билансот е 96 победи за Манчестер јунајтед, 82 триумфи за Арсенал и 50 меча кои завршиле без победник.