Струга Трим Љум е деветтата екипа која го освојува шампионатот на Македонија, а Струга само петтиот град кој може да се пофали со титула. Тоа е главното резиме после денешното 31-во коло од ПМФЛ.
Шампионот Струга Трим Љум забележа рутинска победа на домашен терен над Силекс со 3-0. Два погодоци постигна Буњамин Шабани, а еден беше дело на Бесарт Ибраими.
На Струга и одеше во прилог и резултатот од дуелот помеѓу Шкупи и Шкендија, кој го доби клубот од Чаир со 2-1. Шкендија поведе преку Чинари, а Адетунџи израмни на 1-1. Голот за победа на Шкупи беше дело на Дарко Илиески.
Така и теоретски Струга не може да биде стигната на првата позиција на табелата, бидејќи има седум поени предност пред второтпласираниот Шкупи на само два натпревари до крајот на првенството.
На останатите натпревари Тиквеш ја шокираше Академија Пандев и забележа победа од 4-1 на гостувањето во Струмица, Работнички ја доби голеадата против штипска Брегалница со 5-4, а Македонија ЃП немаше милост кон новиот второлигаш Победа и славеше убедливо со 7-0. Слободна ова коло беше екипата на Скопје.
Табела: 1. Струга 62, 2. Шкупи 55, 3. Шкендија 54, 4. Силекс 44, 5. Македонија ЃП 39, 6. Брегалница 37, 7. Работнички 37, 8. Тиквеш 34, 9. Академија Пандев 26, 10. Скопје 22, 11. Победа 13
Фото: ФБ страна на ФК Струга

