Кошаркарската репрезентација на Македонија вечерва (18 часот) во Левице против Словачка го игра претпоследниот натпревар од преквалификациите за ЕП 2025 година.
По четири кола во групата Д, Македонија има максимални четири победи и со триумф над Словачка ќе го обезбеди првото место кое носи пласман во главните квалификации за ЕП 2025.
Првиот дуел што се играше во СРЦ „Кале“ заврши со триумф на Црвено-жолтите од 79:75, и тоа благодарение на пресвртот во второто полувреме.
Хендикеп за селекторот Александар Јончевски ќе претставува неиграњето на Ненад Димитријевиќ, кој беше најзаслужен за победата во првиот натпревар. Димитријевиќ поради обврски кон својот клуб, Уникс Казан, не може да им помогне на кошаркарите во последните два натпревари од преквалификациите.
Но, и без него и без Адреј Јакимовски, кој играше на првиот меч, кошаркарите веруваат во триумф кој ќе им ги реши сите дилеми околу првото место во групата.
„Можеме да го повториме резултатот од Скопје со Словачка. На ова гостување дојдовме со перфектен скор, тука секако веќе ни припаѓа и улогата на фаворит. Атмосферата во тимот е одлична, ситуацијата е таква што ни треба победа на еден меч за да обезбедиме сигурно прво место и пласман во понатамошната фаза. Тренираме добро, немавме голем период да се подготвиме, меѓутоа повеќето играчи се знаеме, тука е и Ти-Џеј Шортс, кој е огромно засилување за нас и тоа го покажа претходно. Одиме на победа и на позитивен исход, кој ќе ни ја донесе следната фаза“, вели Адем Мекиќ.
Квотите и вечерва предвидуваат неизвесен натпревар, квотата за триумф на Македонија изнесува 1.99, додека за Словачка е 1.92.
Макеоднската јавност натпреварот нема да може да го следи на националниот сервис, туку на Спортклуб и директниот преност ќе се емитува на првиот канал на оваа спортска телевизија.
Во последното коло, Македонија за три дена ќе игра против Норвешка, која во Гевгелија беше совладана со 58:36.