Кадетите покажаа дека можат многу повеќе во однос на прикажаното на првите мечеви од првенството во Скопје. Го потврдија тоа со убедливата победа над Словачка од 84-60, која ги носи во втората фаза, односно натпреварите за пласман од деветтата до 16-тата позиција.
Многу поефикасно издание на нашите кошаркари „Под 16“ години на последниот натпревар од групната фаза на првенството во Скопје.
Од самиот почеток на средбата во СЦ „Јане Сандански“ беше евидентно дека постои голем мотив кај младите кошаркари на Македонија дека можат многу повеќе во однос на она што го покажаа на претходните натпревари.
Го потврдија тоа на теренот, уште во првиот период, избраниците на селекторот Нермин Пепиќ се стекнаа со солидно водство од 21:13, кое до крајот на првото полувреме го зголемија на 44:29.
По реалтивно израмнетата трета четвртина, притиснавме уште посилно во последната во која само го потврдивме првиот успех на шампионатот.
Имавме четворица кошаркари со двоен број на поени. Најмногу, 18, даде Ѓиноски, Сотир постигна 14, додека по 10 реализации имаа Илиев и Беговски.
По ден предвиден за одмор, нашите кадети ги продолжуваат мечевите за пласман, ќе се борат за места од деветтото до 16-тото во конечното рангирање.