Првакот на Италија може да го одлучуваат и пенали!

Победата на Болоња над Интер максимално ја вжешти трката за Скудетото во италијанската Серија А, на пет кола до крајот Интер и Наполи имаат ист број бодови и веројатно до крај нема да се знае кој ќе биде првак.

Интересно е дека од 2022 наваму, Серија А одлучи во случај две екипи да имаат идентичен број бодови на врвот на табелата на крајот на лигата, тие два клуба треба да играат мајсторка на неутрален терен за да одлучат кој ќе биде шампион. Доколку нема победник по 90 минути, нема да има продолженија, туку екипите ќе се борат за титулата шампион на Италија на пенали, со шутеви од 11 метри.

Шампионот на Италија еднаш веќе е одреден на овој начин во далечното минато, во сезоната 1963-64 кога Болоња го совлада Интер со 2-0 во баражот што се играше на Олимпискиот стадион во Рим.

Инаку, ова е распоредот на двата кандидати за титула до крајот на сезонава: Интер игра дома со Рома, Верона и Лацио, а им гостува на Торино и Комо, додека Наполи ги пречекува Торино, Џенова и Каљари, и треба да гостува кај Лече и Парма.

На хартија, наполитанците имаат полесна задача, проблем за Интер е што треба да игра и полуфинале, можеби и финале во Лигата на шампионите, и на некои мечеви можеби ќе сака да одмори некои од клучните играчи.

- Оглас -

Најнови вести