Веќе ништо не е сигурно кога се во прашање запалените Аргентинци, но планот е реваншот помеѓу Ривер плејт и Бока јуниорс да се игра на 8 декември на стадионот „Монументал“, со присуство на публика. Ова е предлогот на КОНМЕБОЛ, федерцијата која одлучи вечерва да нема фудбал бидејќи гостинскиот тим има играчи кои беа повредени во вчерашниот напад од страна на навивачите на Ривер.
Осми декември е на само десет дена пред полуфиналето на Светското клупско првенство во Абу Даби, но тоа е компромисот кој веројатно ќе мора да се прифати од двете страни. Следниот викенд не е можно да се игра, бидејќи во Буенос Аирес ќе бидат забранети секакви јавни собири поради политичкиот состанок на Г-20 и присуството на светската политичка елита.
Претседателите на Ривер и Бока ќе имаат состанок во вторник, но сите индиции се дека ќе им биде предложено реваншот од Копа Либертадорес да биде за две недели од денеска. Тимовите добија дополнително време за подготовка. Од Ривер веруваа дека ќе се игра денеска, гостите бараа службена победа, па затоа предлогот за 8 декември е своевиден компромис.