Од Приштина, Златко Јуруковски
Македонија се избори за важна победа на гостувањето во Приштина против селекцијата на Косово, со конечни 73:76. Избраниците на Јорданчо Давитков го направија првиот чекор кон зацртаната цел, а тоа е прво место во групата на овие прет-квалификации, место кое води во следниот круг кон патот за Евробаскетот 2021.
По првата четвртина, семафорот покажуваше 16:20 за Македонија. Разликата можеше да биде и поголема, бидејќи стартувавме одлично со серија од 12-2, но се разигра Дардан Бериша со осум поени и тимот на Косово ја крена публиката на нозе. Втората четвртина беше далеку понеефикасна, а на голем одмор екипите заминаа со предност на македонскиот тим од 29:34.
Сосема различно издание прикажаа нашите кошаркари во вториот дел. Косово по пет минути стигна до првото израмнување (37:37), а потоа стигнаа и до првото водство остварувајчи комплетен пресврт на средбата. Во последните десет минути Косово влезе со еден поен предност, односно 49:38.
Ѓуроски со тројка ги мотивираше своите соиграчи кон почетокот на решавачкиот период, а Бериша во свој елемент продолжи да го полни кошот на нашата репрезентација. Одреден период се играше кош за кош, а потоа Дамјан Стојановски во клучен момент реализираше две тројки во низа, и донесе многу важна предност од седум поени (57:64) за нашата селекција. Со цврста одбрана во последните минути се обидувавме да ја задржиме предноста, но Косово се избори за драматична завршница со реализирана тројка на Бериша за 71:73 на само 25 секунди до крајот. Војдан реализираше едно слободно фрлање за 71:74, а потоа Бериша имаше шанса да го израмни резулатот со три слободни фрлања на само седум секунди пред крајот, промаши едно, па Македонија во последниот напад изведуваше две слободни фрлања за победа, кои ги реализираше Војдан Стојановски.
Бојан Трајковски се разбуди во второто полувреме, и заврши како најефикасен во нашиот состав со 17 поени, 15 поени постигна Дамјан Стојановски, Ѓуроски допринесе со 14 поени. Дардан Бериша постигна импресивни 30 поени за Косово, Кастрати беше втор најефикасен кај домаќините со 15 поени.