Белгија нема друга опција освен да победи во дуелот против Романија и според играта и резултатот од првиот дел, тимот предводен од Кевин де Брујне и Ромелу Лукаку е на добар пат да го стори тоа.
Фаворитот води со 1:0 по првиот дел и тоа благодарение на голот на Јури Тилеманс, постигнат во втората минута од средбата. Точно 74 секунди се играа кога Лукаку додаде до Тилеманс, а овој погоди од далечина.
Според статистиката, погодокот на Тилеманс е трет најбрз гол во историјата на ЕП. Пред само неколку дена Недим Бајрами од Албанија погоди во 22 секунда против Италија и тоа беше најбрз погодок на сите времиња на ЕП, а сега Тилеманс е трет на оваа листа. Пред него е само уште Дмитри Кириченко од Русија кој против Грција на ЕП 2004 година даде гол за 67 секунди.