Скандал во фудбалската репрезентација на Авганистан во кој е вклучен и првиот човек на тамошната фудбалска федерација. Мохамед Јусеф Каргар, кој е претседател на Фудбалската федерација на Авганистан, е обвинет дека барал мито за да внесе фудбалер во националниот состав, пишува „Гардијан“.
Во јавноста се појавиле снимки кои го покажуваат Каргар како преговара за трансфер на пари со братот на Несар Ахмад Мехман, играч кој бил кандидат да биде повикан во националниот тим на Авганистан. Каргар ги негира сите обвинувања, тврдејќи дека снимките „не се ништо друго освен заговор и измислица“.
Мехман, кој моментално игра во втората лига на Австралија, го привлече вниманието по скаутирањето во авганистанската дијаспора во Мелбурн кон крајот на минатата година. Каргар го покани фудбалерот да му се приклучи на националниот тим на тренинг во март, испраќајќи официјална покана до неговиот клуб Стоктон Шаркс.
Сепак, на снимките објавени овој месец од лондонската телевизија „Авганистан интернешнл“ може да се слушне како Каргар бара да се префрлат 10.000 долари на сметката на еден од неговите блиски соработници.
„Кога ќе пристигне во сабота, ќе го известам тренерот, а потоа тој може да продолжи со подготовките“, вели Каргар во една од снимките. „Ќе кажеме дека 10.000 долари се донирани на националниот тим“, се слуша во друга.
„Играчот ќе биде избран. Во иднина ќе се обидеме да воспоставиме едногодишен протокол. Откако ќе се потврди повикот во националниот тим, тренерот ќе одлучи. Знаете, за натпреварот против Мјанмар тоа нема да биде можно, но за натпреварот против Сирија во јуни ќе го регистрираме рано за да биде сигурен во поставата.“
На третата снимка, Каргар, кој е на чело на АФФ од 2019 година, се чини дека се согласува со намалената сума, оправдувајќи ја со цената на визата за патување во Тајланд. „Добро, нема проблем. Јас реков 10.000 долари, вие рековте 5.000 долари. Додајте уште 1.500 долари на тоа бидејќи ни требаат за визата. Ни требаат парите тука, нема да ни помогнат во Тајланд. Ако немаме пари, како можеме да одиме во Тајланд?“
Ова не е првпат Каргар да се соочи со обвинувања за корупција. Тој претходно ги негираше обвинувањата за местење натпревари на меѓународен турнир во Малезија во 2008 година. Исто така, се тврди дека неколку вработени во АФФ не добиле плата во последните три години.
Мандатот на Каргар како претседател на Федерацијата требаше да заврши оваа година, но ФИФА потврди дека е продолжен до крајот на јануари 2026 година од неодредени причини. Авганистан е рангиран на 161-вото место од 210 репрезентации на ранг-листата на ФИФА.