Американската компанија Goldin Auctions, која е специјализирана за онлајн аукции, на продажба го стави првиот документ на младиот Лионел Меси од времето кога само што ја почнуваше фудбалската кариера.
Објавени се фотографии од предната и задната страна на картичката на која се гледа и потпис од тогашниот играч на Њуелс олд бојс. Не се знае точно од кога е картичката, се претпоставува дека е некаде помеѓу 1995 и 2000 година, кога Меси имал од 8 до 13 години, но јасно е дека на овој документ Аргентинецот се потпишува лично.
На картичката го има логото на фудбалската асоцијација на родниот град на Меси, Росарио, печат, податоци за Меси, а на задната страна има и негов личен потпис со пенкало.
Почетната сума со која ќе почне наддавањето за картичката е 10.000 американски долари.