11.8 C
Skopje
понеделник, 9 февруари 2026

Првиот натпреварувач од Хаити во нордиско скијање ја освои публиката на ЗОИ 2026

Стивенсон Савар (25) испиша историја на Зимските олимписки игри, станувајќи првиот спортист што некогаш го претставувал Хаити во нордиско скијање.

Младиот спортист својот олимписки сон го оствари во Милано и Кортина д’Ампецо, каде што уште на самиот почеток привлече големо внимание од јавноста.

Савар на свеченото отворање на Игрите беше и знаменосец на Хаити, а потоа дебитираше на олимписката сцена во машкиот скијатлон. Иако низ целта помина како 64-ти, беше пречекан со громогласен аплауз, а неговиот емотивен поклон кон публиката дополнително ги освои гледачите.

„Мојата цел е секогаш да дадам максимум и да ги поместувам сопствените граници. Да го носам овој дрес за мене е огромна чест и извор на голема среќа. Се обидуваме да бидеме симбол на нашата мала земја и да им дадеме надеж на луѓето бидејќи минуваат низ тежок период. Сакаме да покажеме дека и малите земји можат да блеснат“, изјави Савар.

Првиот спортист што некогаш го претставувал Хаити на Зимските олимписки игри беше алпскиот скијач Ричардсон Вијано во 2022 година. Тогаш тој го освои 34-то место во слалом, а во Милано и Кортина го забележа својот втор олимписки настап.

„Ова е остварување на сон. Сакам да покажам дека Хаити не е само земја на земјотреси и катастрофи“, изјави Вијано уште во 2022 година.

Токму Вијано беше голема инспирација за Савар. И тој е роден на Хаити, а пораснал во францускиот регион Вогези, каде што како дете започнал да се занимава со скијање. Во Светскиот куп дебитираше во јануари 2023 година, а оттогаш го претставуваше Хаити и на светските првенства во 2023 и во 2025 година.

Благодарение на стипендијата од програмата за Олимписка солидарност Савар успеа да обезбеди опрема и настапи неопходни за учество на Игрите во Италија. Целта на оваа програма е да им овозможи на спортисти од сите делови на светот шанса да настапат на најголемата спортска сцена.

„Кога бев помлад, беше тешко да се биде единствената црна личност на скијалиштето. Луѓето те гледаат, понекогаш непријатно долго. Но со текот на времето учиш да го игнорираш тоа и да си ја работиш својата работа“, изјави Савар, испраќајќи порака до младите да веруваат дека сè е можно.

- Оглас -

Најнови вести