Новак Ѓоковиќ се пласираше во во полуфиналето на АТП турнирот во Париз, кој е дел од Мастерс 1000 серијата. Србинот за ривал го имаше младиот италијански тенисер Лоренцо Мусети, на кого му дозволи да освои само три гејма во целиот меч и резултатот на крајот беше 6:0, 6:3 за фаворитот.
Во првиот сет Ѓоковиќ немаше милост кон ривалот и за само 25 минути без загубен гејм поведе со 1:0 во сетови. Во вториот сет, Мусети не само што успеа да земе гејм на свој сервис, туку и прв направи брејк, па имаше предност од 2:1. Тоа беше знак Ноле повторно подобро да заигра и ги освои следните четири гејма за предност од 5:2, па победникот беше познат.
За разлика од Ѓоковиќ, првиот тенисер на АТП листата, Карлос Алкараз го предаде дуелот против Холгер Руне. Данецот одлично го почна мечот и го доби првиот сет со 6:3, а во вториот беше многу понеизвесно. Беше 6:6, што значеше дека треба да се игра тај-брејк, а тука Алкараз реши да го предаде мечот.
Младиот шпански тенисер се жалеше на болки под ребрата на левата страна и на крајот реши да го предаде мечот. До крајот на сезоната остануваат уште два важни турнири и тоа АТП финалето во Торино, како и завршниот Дејвис Куп во Малага каде Шпанија ќе игра против Хрватска во четвртфиналето.