Фудбалската репрезентација на Македонија со вечерашниот тренинг и официјално ги започна подготовките за последните два меча против Италија и Англија во квалификациите за пласман на ЕП 2024 година.
Фудбалерите на 17 ноември во Рим ќе играат против Италија, а три дена подоцна на Националната арена „Тодор Проески“, ќе ја пречекаат селекцијата на Англија, која веќе го завери првото место и пласманот на ЕП 2024.
Првиот тренинг помина без херојот од Палермо, односно од полуфиналниот бараж-натпревар против Италија за пласман на СП во Катар, Александар Трајковски. Трајковски не беше дел ниту од тимот на Хајдук кој вчера со 3:1 го совлада Вараждин.
Освен Трајковски, вечерва не тренираше ниту Елиф Елмас, но тој се очекува веќе од утре да се приклучи на тренинзите.
Фудбалерите ќе тренираат во Скопје до среда, кога ќе заминат за Рим, каде што в петок од 20.45 часот на „Олимпико“ ќе играат против Италија. Првиот меѓусебен дуел од квалификациите кој се играше во Скопје заврши без победник 1:1.