Ракометарите на Вардар по двата порази по ред од Е. Пелистер, триумфираа по четврти пат во шесте изданија на Суперкупот на Македонија. На мечот кој е најава на новата сезона, Вардар со 30:26 го совлада шампионот Е. Пелистер.
Шампионот подобро го започна натпреварот и во десеттата минута за првпат поведе со два гола разлика (5:3), но Вардарци експресно ја вратија резултатската неизвесност, која беше присутна до крајот на првиот дел и на пауза се замина со нерешени 13:13.
Во вториот дел, Е. Пелистер го постигна првиот гол, но Вардар имаше одговор и со серија од 3:0 дојде до 16:14 во 36-та минута, прво негово водство од два гола.
Битолчани успеаја да израмнат и до финишот од мечот се играше гол за гол. Во 51-вата минута со головите на Срдановиќ од седум метри и на Лазаревски, Вардар повторно дојде до предност од два гола (25:23). Потоа Црвено-црните со голот на Петриќ во 57-мата минута поведоа со 28:25, со што ја најавија победата.
Пелистерци преку Радивојевиќ од пенал веднаш намалија на 28:26, но Николиќ во следниот напад погоди за недостижни 29:26 и за четврти триумф на Вардар во Суперкупот на Македонија. На крајот Вардар славеше со 30:26.
Најдобри во редовите на Вардар беа Срдановиќ со осум, Петриќ со седум, Николиќ со пет, додека Мартин Томовски имаше седум одбрани.
Кај Пелистер, Радивојевиќ даде седум, Кисум шест, а Пешевски пет.