Прво па машко, Руне во првото мастерс финале го победи својот идол и го спречи да испише историја во Париз

Данскиот тенисер Холгер Руне е победник на последниот годинешен турнир од Мастерс серијата 1000 кој се играше во Париз.

Руне во неверојатно финале, во три сета и со пресврт го совлада својот идол Новак Ѓоковиќ кого го спречи да испише историја во Париз. Руне до првата титула од мастерс турнирите дојде со триумф од 3:6,6:3,7:5.

Ова воедно е негова трета титула во 2022 година по победите во Стокхолм и Минхен, додека Ѓоковиќ пропушти да стане првиот тенисер кој дури седум пати триумфирал на мастерс турнирот во Париз.

Мечот започна со проблеми на сервисот на двајцата тенисери, Ѓоковиќ во првиот гем имаше водство од 40:0, но Данецот го продолжи гемот бидејќи дојде до 40:40.
Во вториот гем, Руне пак имаше предност од 30:0, а Ѓоковиќ дојде до 30:30, но одличните сервиси не дозволија брејк.

Првиот брејк беше направен во четвртиот гем кога Новак поведе со 3:1 откако Данецот направи двојна сервис грешка на првата брејк топка. Ѓоковиќ успеа да ја зачува предноста и со сигурен сервис да дојде до 6:3 и водство од 1:0 во сетови.

Вториот сет беше пресликан од првиот, но овој пат улогите беа променети. Холгер Руне направи брејк и ги одби налетите на Ѓоковиќ експресно да дојде до ри-брејк и поведе со 3:0. Потоа до крајот на вториот сет, ја задржа предноста и дојде до 6:3 со што мечот го однесе во третиот одлучувачки сет.

https://twitter.com/i/status/1589298501036515329

Во него, прв до брејк дојде Ѓоковиќ во четвртиот гем и поведе со 3:1. Но, Руне експресно возврати и ја врати незивесноста. Во наредните четири гема, двајцата тенисери беа сигурни на свој сервис, се до 11-тиот гем. Во него, на сервис на Ѓоковиќ, Руне ги освои првите два поени, по што Србинот успеа да дојде до 30:30, но потоа следеа нови два поени на Данецот со кои направи брејк и доби можност да сервира за титула.

Гемот за титула беше маратонски, Ѓоковиќ не успеа да искористи дури шест брејк топки,  по што Руне ја искористи втората меч топка за да дојде до првата мастерс титула во кариерата.

- Оглас -

Најнови вести