Прво полуфинале за Рублев во Мајами, Барти ќе ја брани титулата во женска конкуренција

Андреј Рублев последен стигна до полуфиналето на АТП Мастерс 1000 турнирот во Мајами откако по два сета славеше против Себастијан Корда со 7-5 7-6(9-7) и избори прв пласман во топ 4 фазата од турнирот.

Рублев во битката за пласман во големото финале ќе ги одмери силите со Хуберт Хуркач, кој вчера го изненади Циципас и со пресврт славеше победа од 2-1 во сетови. Вториот полуфинален пар е Баутиста-Агут против Синер.

Рублев наиде на адекватен противник, иако Корда моментално е 79 места подолу од Русинот на АТП-листата. Израмнети беа силите до половина од првиот сет, по што двајцата тенисери направија по еден брејк, а потоа Рублев му украде уште еден сервис на противникот користејќи ја третата сет-топка за да поведе.

Уште повеќе се мачеше Рублев во вториот сет. Иако со брејк дојде до водство од 4-2 во гемови, Корда возврати идентично и изнуди тајбрејк во кој спаси три меч-топки пред да му честита на Русинот за победата.

Во женска конкуренција, првата светска тенисерка Ешли Барти ќе го брани трофејот во Мајами откако во финалето се пласира по победата од 2-0 (6-3, 6-3) над Елина Свитолина. Противничка на австралиската тенисерка ќе биде Бјанка Андреску, која беше подобра од Сакари по три сета со 7-6, 3-6, 7-6.

- Оглас -

Најнови вести