Прво се посрамоти, па Златан сам себеси се „отпушти“

Милан киксираше на свој терен и одигра само 2:2 против Верона, но, за среќа на Росонерите, остана на врвот на табелата во Серија А. Иако домаќините беа големи фаворити на „Сан Сиро“, на крајот може да се задоволни што не загубија затоа што по првите 20 минути беа во негатива од 0:2.

Дека на Милан не му одеше како што посакува, се покажа и со утнатиот пенал на Златан Ибрахимовиќ во второто полувреме. Популарниот Ибра имаше шанса да израмни на 2:2 во 65-тата минута, но неговиот шут заврши високо над голот. Во 93-тата минута Златан сепак даде гол за 2:2, но не можеше да си прости дека повторно не реализираше од белата точка.

Сезонава ова е трет промашен пенал на Ибрахимовиќ од пет шута, што е најлош скор од сите фудбалери во Топ 5 лигите. Затоа ветеранот самиот реши дека е време некој друг да ги шутира пеналите во Милан.

„Лут сум, бесен сум. Нерешено не е доволно добро за нас. Создадовме многу шанси, а јас промашив и пенал. Мислам дека следниот пенал ќе го оставам Кеси да го шутира. Така ќе биде подобро. Примивме два гола, а потоа успеавме да се вратиме. Најважно е да не ја губиме самодовербата. Гледајќи ја табелата во Серија А, ние мора да одиме на победа на секој меч“, рече Ибрахимовиќ.

И покрај утнатиот пенал, по погодениот удар со глава во 92-рата минута, Ибрахимовиќ влезе во друштвото на Топ 10 најдобри стрелци во историјата на фудбалот.

 

- Оглас -

Најнови вести