Прволигашкиот скопски дуел го доби тимот од Ѓорче Петров, Вардар реди победи во Втора лига

Македонија Ѓорче Петров со 2:1 славеше против Работнички во првиот меч од 25 коло во Прва фудбалска лига. Домаќините од Ѓорче поведоа со 1:0 со погодокот на Личина во 24 минута, но нивната радост кратко траеше. Работнички израмни во 26 минута кога Мазари со шут од 25 метри израмни на 1:1, што беше и резултат на полувремето.

Во вториот дел, Фазли прво ја погоди пречката во 49 минута, што беше најава за нов погодок на домаќините. Во 73 минута, Филип Алексовски го совлада својот брат Игор Алексовски за победа на Македонија Ѓорче Петров.

Со овој триумф, Македонија ЃП стигна до 32 бодови, а Работнички остана на 24 бодови.

Во втората лига, Вардар продолжува да реди победи. Најтрофејниот македонски фудбалски клуб доминираше на дуелот против Саса Каменица, и сосема очекувано ги освои трите бода на стадионот „Борис Трајковски“, победувајќи со 3:0.

Уште од самиот старт вардарци започнаа офанзивно и поведоа со 1:0 со голот на Дарко Десниќ во 15 минута. Црвено-црните продолжија да напаѓаат во текот на целиот меч, но гостите добро се бранеа, а резултатската неизвесност траеше до 84 минута. Тогаш, Глишиќ изведе корнер, а Дарко Размоски прво со глава ја погоди стативата, за да потоа топката веднаш му се одби до него и успеа да погоди за 2:0. Во 90 минута погоди и Митев и Вардар останува лидер во Втора лига.

Во останатите мечеви во Втора лига: Пелистер – Детонит 2:0, Беласица – Гостивар 0:3, Тетекс – Беса 1:2, Слога Виница – Воска 1:3, Охрид – Борец 2:0, Арсими – Караорман 3:1.

 

- Оглас -

Најнови вести