Првото коло на ЕП се затвора со супер дерби од „Групата на смртта“

Актуелниот европски првак Португалија денеска во Будимпешта ја започнува одбраната на титулата, а ривал е Унгарија. Португалците се големи фаворити, но факт е дека Унгарија игра на домашен терен, па тоа е нивната шанса. И Кристијано Роналдо знае дека многу е важно да се започне со победа.

„Секогаш e важно да се стартува со победа. Тоа е многу битно за самодовербата на и моралот на екипата. Подготвени сме за турнирот. Имаме млади играчи кои се многу амбициозни. Сигурен сум дека ќе одиграме добро“, рече Роналдо.

Капитенот на Унгарија, Адам Салаи, е свесен дека неговата селекција е во најтешката група.

„Веќе неколку месеци се фокусираме на првиот меч во групата, се подготвувавме за него. Ние сме пресреќни што воопшто сме дел од ЕП, но секако дека ќе дадеме сè од себе да постигнеме добар резултат“, рече Салаи.

По мечот Унгарија – Португалија, од 21 часот ќе се игра и дербито на првото коло од континенталниот собир меѓу Франција и Германија. Со овој меч се затвора и првото коло од турнирот.  За селекторот на Германија, Јоаким Лев, ова ќе биде последен турнир како предводник на националниот тим.

„Одлично се подготвивме во изминативе две недели. Атмосферата меѓу играчите е одлична, имаме големи амбиции. Со нетрпение чекам да почне турнирот за нас. Франција е многу силен ривал, но ние имаме квалитетни играчи во нападот, како што се: Вернер, Сане, Хаверц, Милер и Гнабри кои може да постигнуваат голови“, рече Лев.

И предводникот на француската репрезентација, Дидие Дешамп, знае дека го очекува тежок предизвик на почетокот од турнирот.

„Не можеше да има поголем меч во првото коло од нашиот. Германците и ние сме меѓу најдобрите во Европа. Од моите играчи барам целосна посветеност и концентрација кога ќе се игра пред двата шеснаесетника“, вели Дешамп.

 

- Оглас -

Најнови вести