Првото коло не им „легна“, сите четворица македонски фудбалери загубија во првото коло во ЛШ

Четворицата македонски интернационалци кои се од фудбалската Лига на шампиони претрпеа порази на стартот од новата сезона во ЛШ, па ќе треба да почекаат друга прилика за да победат нивните тимови или евентуално некој од нив да постигне гол.

Стефан Ристовски и Аријан Адеми со Динамо Загреб претрпеа историска катастрофа од 2-9 против Баерн Минхен. Ристовски го одигра целиот меч, а Адеми влезе во 78-мата минута и поигра 15-тина минути.

Бојан Миовски остана на клупата за резерви во мечот во Париз, на кој Жирона загуби со 0-1 од ПСЖ. Голот за францускиот првак падна во 90-тата минута, и тоа по катастрофална грешка на голманот, па Жирона на дебито во ЛШ остана без бод.

Пораз со примен гол во самиот финиш претрпе и Лајпциг на Елиф Елмас. Македонскиот Дијамант влезе во игра во 83-тата минута, а седум минути подоцна Хименес со гол со глава му донесе победа на Атлетико Мадрид од 2-1.

Во следното коло, на 1 и 2 октомври, Македонците ќе играат дома. Динамо го пречекува Монако, Лајпциг игра со Јувентус, а Жирона со Феенорд.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести