-1.2 C
Skopje
петок, 9 јануари 2026

ПСЖ драматично се спаси од пораз, а потоа на пенали го освои Суперкупот на Франција

Фудбалерите на Пари Сен Жермен ја освоија титулата во Суперкупот на Франција, откако во драматичен натпревар одигран во Кувајт го совладаа големиот ривал Марсеј по изведување пенали. По регуларните 90 минути резултатот беше 2-2, а Светците славеа со убедливи 4-1 од белата точка.

Со овој триумф, ПСЖ го запиша својот 14-от трофеј во францускиот Суперкуп и четврти последовен, продолжувајќи ја доминацијата над најлутите конкуренти. Воедно, ова е трет освоен пехар за тимот на Луис Енрике оваа сезона.

Марсеј прв се закани преку Балерди, но голманот Шевалие брилијантно интервенираше. Сепак, недолго потоа следеше казна – по серија грешки во одбраната на Олимпик, Витиња ја пресече топката, а Дембеле со префинет лоб го отвори резултатот и го донесе ПСЖ во водство.

Голот целосно го отвори натпреварот, па шанси се редеа на двете страни, но до паузата резултатот остана непроменет. Во вториот дел Шевалие повторно се истакна, но во 74-та минута направи прекршок за пенал врз Мејсон Гринвуд. Напаѓачот на Марсеј беше сигурен од белата точка и израмни на 1-1.

Драмата кулминираше во 87-та минута, кога по центаршут од левата страна, Вилијан Пачо несреќно ја смести топката во сопствената мрежа за целосен пресврт на Марсеј.
Сепак, ПСЖ не се предаде. Во петтата минута од судиското продолжение Витиња асистираше, Баркола одлично ја продолжи акцијата, а Гонсало Рамош со прв допир погоди за 2-2.

Во пенал-рулетот, парижани беа значително посигурни. По промашувањата на О’Рајли и Траоре, Шевалие ги одбрани нивните удари, решавачкиот пенал го реализираше Дезире Дуе, со што ПСЖ го подигна новиот трофеј.

- Оглас -

Најнови вести