Им се темни на многу тимови кога треба да гостуваат во Градот на светлината, на дуел со Пари Сен Жермен.
ПСЖ е негостољубив домаќин сезонава, им даде барем еден гол на сите екипи со кои се сретна на негов терен, освен на Лориен, во првото коло од сезоната во француската лига, во средината на август 2023 година, кога беше 0-0.
На тој меч со Лориен, во составот на ПСЖ го немаше Килијан Мбапе, кој тогаш беше „казнет“ од клубот и отстранет од првиот тим за тоа што одби да го продолжи договорот. Со Мбапе во составот, ПСЖ им даде гол на сите кои му гостуваа во Париз, и тоа е предупредување за Борусија Дортмунд која вечерва не треба многу да се надева дека може да си замине без примен гол, иако пред една недела успеа во тоа на нејзин терен со победата од 1-0.