ПСЖ го растури Гингам, но го загуби Верати

ПСЖ оствари рекордна победа во француското првенство со 9-0 над Гингам, но тренерот Томас Тухел поради една причина не е задоволен по денешниот голем триумф. Се повреди Марко Верати, организаторот на игра на „светците“, сега Тухел стравува дека Италијанецот нема да биде подготвен за дуелите против Манчестер јунајтед во осминафиналето од Лигата на шампионите.

„Повредата на Верати е најлошото нешто што можеше да ни се случи во овој период. Изгледа сериозно, засега не се знае колку ќе паузира“, истакна Тухел по мечот.

Првата средба на „Олд трафорд“ ќе се одигра за помалку од еден месец, поточно на 12-ти февруари, а на тој меч ПСЖ може да игра без класичен играч за врска. Рабио е отсечен од првиот тим поради што одби да потпише нов договор, принудно како последен играч од средината на теренот игра Маркињос, а на денешниот меч на таа позиција се најде Дани Алвеш.

Откако се пожали на силни болки на глуждот, Верати веднаш беше пренесен во болница, а на „светците“ им останува само да го чекаат исходот, односно колку време ќе отсуствува италијанскиот фудбалер од терените.

 

- Оглас -

Најнови вести