Пари Сен Жермен не дозволи по втор пат да направи од готово-вересија во нокаут фазата против Барселона. Каталонскиот гигант пред четири години успеа да надополни негатива од 4:0, но вечерва францускиот првак покажа дека ја има научено лекцијата. Дуелот на „Паркот на принцовите“ заврши 1:1, што беше доволно Светците да осат во следната фаза со вкупен резултат од 5:2 (победија со 4:1 на „Камп Ноу“ во првиот меч).
Дуелот во Париз започна возбудливо. Барселона тргна во напад со сите сили и по само 28 минути гостите имаа упатено дури 10 шута, но немаа постигнато гол. ПСЖ прв погоди и тоа од пенал, кога Икарди беше фаулиран во шеснаесетникот, а сигурен реализатор беше Килијан Мбапе. За Мбапе ова беше вкупно четврти погодок во двомечот со Барселона, откако на првата средба постигна хет-трик.
Барселона брзо израмни и тоа благодарение на фантастичниот погодок на Меси во 37 минута. До крајот на првиот дел гостите можеа и да победат, но Меси промаши пенал во судиското надополнување. Погодоците и пеналот од првиот дел може да ги видите ТУКА.
Во второто полувреме ПСЖ успеа да ја смири играта, Барселона не беше толку опасна, па рутински беа одиграни последните 45 минути, по што Меси и дружината одат во аут од ЛШ.
Во четвртфиналето се пласираше и Ливерпул, откако по втор пат го победи Лајпциг со 2:0. Англискиот првак игра очајно во домашното првенство, но кога се работи за ЛШ, играта е поинаква. Гигантот од „Енфилд роуд“ во двомечоt беше подобар од германскиот тим со вкупни 4:0. Денешните погодоци на Салах и Мане може да ги погледнете ТУКА и ТУКА.