Челниците на ПСЖ ја прифатија рекордната понуда на Ал-Хилал, тешка 300 милионни евра за Килијан Мбапе, и му дозволија на саудискиот тим да преговара со фудбалерот за евентуалниот трансфер, објави „Скај спортс“.
Откако напаѓачот одби милијарда евра за десетгодишен договор од катарскиот шеик кој е сопственик на ПСЖ, управата на францускиот тим одлучи да го изостави Мбапе од турнејата во Јапонија и Јужна Кореја и да го стави на трансфер-листата.
Иако постои интерес од неколку екипи за Мбапе (Манчестер јунајтед, Челси, Ливерпул, Барселона и Реал Мадрид), понудата на саудискиот тим е најконкретна и доколку се реализира трансферот, тој ќе биде најголем во историјата на фудбалот.
Актуелниот рекорд го држи токму ПСЖ кој на Барселона и плати 222 милиони евра за Нејмар. Саудискиот тим е подготвен да му понуди само едногодишен договор на Мбапе, а потоа фудбалерот идното лето би си го остварил сонот, како слободен играч да потпише за Реал Мадрид.
Освен што е подготвен да го собори светскиот рекорд кога станува збор за трансферите, Ал-Хилал е подготвен да го направи Мбапе најплатен спортист во историјата. Според медиумите од САД, ако Мбапе се согласи да игра во Саудиска Арабија следната сезона, ќе заработи неверојатни 700 милиони евра.