На величенствен начин, Париз го прослави историскиот успех, првата европска титула на Пари Сен Жермен. Илјадници навивачи се слеаја низ париските улици прославувајќи со гордост и еуфорија, додека градот беше обоен во боите на Светците. На стадионот „Паркот на принцовите“ беше поставен нов брендинг, кој гордо сведочи за титулата освоена во Минхен.
Прославата беше продолжение на триумфот од саботата, кога ПСЖ ја освои Лигата на шампионите и ја комплетира тројната круна – првенство, Куп и ЛШ. Со овој успех, тимот на Луис Енрике стана десеттиот клуб во историјата на европскиот фудбал кој освоил тројна круна, приклучувајќи се на елитното друштво во кое се Селтик, Ајакс, ПСВ, Манчестер јунајтед, Барселона, Интер, Баерн Минхен и Манчестер сити.
Сепак, славењето беше засенето од трагични настани. Според информациите од француските медиуми, во текот на ноќта се случиле сериозни нереди, при кои животот го загубиле две лица, а над 100 се повредени, меѓу нив и две жени кои се во критична состојба. Полицијата привела повеќе од 200 лица, а француските власти најавија темелна истрага и најстроги санкции за сторителите.
Покрај спортскиот успех, Пари Сен Жермен ќе инкасира околу 150 милиони евра од наградниот фонд во Лигата на шампионите, рекордна заработка за еден клуб во една сезона.
И покрај темната сенка што ја фрлија трагичните инциденти, историјата е испишана – ПСЖ конечно го освои врвот на Европа.