Управата на ПСЖ по завршување на сезоната, повторно ќе прави голем ремонт на тимот откако сезонава се покажа неуспешна со елиминацијата во осминафиналето во Лигата на шампионите и неосвојувањето на Купот на Франција, но проблем може да претставува финансискиот ферплеј.
Прв кој ќе си замине од тимот е тренерот Кристоф Галтие, а управата ќе се обиде да го продаде и Нејмар и веќе е во интензивна потрага по негов наследник на „Паркот на принцовите“. Покрај Нејмар, дефинитивно ќе си заминат и напаѓачите Мауро Икарди и Јулијан Дракслер кои сезонава играат на позајмица, како и Уго Екитике.
На списокот на претседателот Насер Ал-Келаифи, се наоѓаат три имиња на напаѓачи. Прва желба на Ал-Келаифи е Хари Кејн од Тотенхем, кому идната година му истекува договорот. Првиот човек на Тотенхем, Даниел Леви, попрво за 100 милиони евра би го продал Кејн на ПСЖ отколку на конкурентите од Премиер лигата.
Покрај Кејн, како решение во нападот за следната година фигурираат уште две имиња, Рандал Коло Муани од Ајнтрахт Франкфурт и Виктор Осимен, кои исто така би чинеле 100 милиони евра. Најлесна цел од сите три е Коло Муани, кој не би имал ништо против да се пресели во ПСЖ.
Но, проблем за ПСЖ претставуваат финансиите, односно финансискиот ферплеј. Според извештаите, ПСЖ е во минус од 368 милиони евра, сума која сопствениците на екипата, катарското кралско семејство, не може да ја покрие со обична финансиска инјекција, како што правеше досега, туку ќе мора да продаде неколку играчи за да може да купува нов елитен напаѓач.
Играчи кои би требало да си заминат од ПСЖ се: Икарди, Драклсер, Кејлор Навас, Колин Дагба, Абду Диало, Леандро Паредес, Џорџињо Вајналдум, Уго Екитике, Серхио Рико, Данило, Фабијан Руиз и Нејмар.