ПСЖ не даде гол за 90 минути против третолигаш
Најсилниот тим во Франција дури по продолженијата го скрши отпорот на Вилфранш во осминафиналето на Купот.

Пари Сен Жермен со многу мака и по 120 минути игра се пласираше во четврт-финалето на Францускиот куп совладувајќи го Вилфранш со 3-0. „Светците“, кои се убедливи лидери на табелата во првата лига на Франција и имаат супер скап тим кој има големи амбиции и во Европа, се мачеа против третолигашот Вилфранш, но Германецот Џулијан Дракслер со гол во 102-рата минута спречи сензација. Потоа Муса Дијаби во 113-тата и Единсон Кавани во 119-тата минута ги поставија конечните превисоки 3-0.
Клучниот момент беше во 102-та минута. Маркињос во празно го пронајде Кавани, кој центрираше во петерецот на домашните, а Дракслер дотрча и од непосредна близина не му беше проблем да ја смести топката во мрежа.
Средбата не се играше на стадионот на Вилфранш туку во Лион, па затоа и оваа мачна победа против тим од третата лига е срамна за парижаните, кои можеби се во криза бидејќи загубија викендов од Лион во првенството, а сега првпат во 33 меча сезонава (првпат со Томас Тухел како тренер) во сите натпреварувања не постигнаа гол во 90 минути игра. Можеби и претерале со славењето на роденденот на клупскиот колега Нејмар, кој е повреден, но сепак се пласираа во следната рунда и избегнаа сензационална елиминација.