Францускиот првак Пари Сен Жермен започна преговори со ѕвездата на Манчестер јунајтед, Маркус Рашфорд. Оваа „бомба“ од Франција дојде откако утрово тренерот на Светците, Кристоф Галтие, најави дека од клубот ќе си замине Мауро Икарди.
Галтие му соопштил на Икарди дека за него веќе нема место во тимот на ПСЖ и дека Аргентинецот ќе мора да си најде нов клуб. Со заминувањето на Икарди, веднаш започнаа шпекулации за нов трансфер, посебно затоа што Галтие најави доаѓање на нов голгетер.
„Напорно работиме да ја засилиме таа позиција. Во контакт сме, но да не бидам погрешно сфатен, постојат граници до кои можеме да одиме“, рече Галтие.
Престижниот весник „Л’Екип“ тврди дека се започнати преговори за трансфер на Рашфорд. Англискиот репрезентативец има договор со Црвените ѓаволи до јуни следната година, што значи дека ако англискиот тим за скоро време не му го продолжи договорот, може да се случи следното лето за без пари да го загуби 24-годишниот фудбалер.