ПСЖ се откажа од Икарди

Пари Сен Жермен наводно ја прекина соработката со Мауро Икарди, напаѓачот кој Светците за оваа сезона го позајмија од редовите на Интер. Иако првично планот беше Икарди да остане во Париз по крајот на сезоната за сума од 65 милиони евра, Аргентинецот преку својот агент, односно сопругата Ванда, ѝ посочил на управата на ПСЖ дека сака да се врати во Серија А.

Италијанските медиуми тврдат дека Икарди повеќе не е играч на францускиот првак, а тој моментално заедно со семејството се наоѓа во Италија, поточно во подрачјето Ломбардија, кое инаку е најпогоден дел од земјата со Коронавирусот. Иако аргентинскиот голгетер ги оправда средствата и забележа 20 погодоци во 31 настап за Светците, негова желба е повторно да игра во Серија А, а Јувентус и Наполи се кандидати за неговиот потпис.

Ако се знае дека гигантот од Париз ќе остане и без нивниот најдобар стрелец во историјата, Единсон Кавани, кому му истекува договорот ова лето, може да се претпостави дека ПСЖ ќе се пушти во потрага по нов голгетер од светска класа и за кого би се трошеле голем дел од средставата наменети за трансфери. Останува само да се види кој ќе биде новиот партнер на Нејмар и Мбапе во нападот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести