За музиката и спортот велат дека секогаш се одлична комбинација. Во Македонија ретки се оние кои може да се пофалат дека опстојуваат неколку децении на македонската сцена. Следниот месец, точно 30 години од формирањето ќе прослави рап-групата „Пука Козметика“. Двајцата браќа Дарко и Жарко Масларковски опстојуваат веќе три децении, творат и се дел од рап сцената, а следниот месец, на 13 декември во МКЦ ќе биде прославата на сето тоа што оваа група го направи во изминативе 30 години. Би било убаво овој голем јубилеј да биде заокружен со добитен Хуманитарен тикет кој го направи Пука Козметика.
„Не сме многу стари, млади имаме почнато да се занимаваме со музика. Сѐ започна кога нашиот постар брат Александар ни донесе неколку касети со рап-музика. Во тоа време ги гледавме и Симпсонови, а таму Барт Симпсон имаше неколку рап-песни. Така „се заразивме“ со овој стил на музика. Дома имавме сајзерче, а официјално сѐ започна на 31 декември 1995 година“, се присетуваат близнаците Даре и Жаре.

Знаејќи дека нема шанса јубилејот да се прослави точно на денот кога официјално започнале, а тоа е на новогодишната вечер на 31 декември, одлуката е прославата да биде на 13 декември во култниот МКЦ.
Што значи за вас да се биде 30 години опстојување на сцената, да се биде дел од рап-сцената?
„Роденденот ќе биде поделен на три сегменти. Првиот е за приказната на Пука Козметика која ќе биде прикажана низ фотографии и видеа во кино „Фросина“. Вториот сегмент е промоцијата на плочата и коктел, а третиот за крајот останува концертот во МКЦ. Покрај нашиот настап, на сцената ќе се појават и многу млади рапери да покажеме дека рап-сцената ниту почнала со нас, ниту ќе заврши со нас“, вели Дарко.

Двајцата браќа сега се целосно фокусирани за настанот кој следува за помалку од еден месец.
„Рап-сцената за нас преставувала место за уживање, задоволство и начин на изразување. Годините си поминуваат, ние твориме, не престануваме иако од рап-музиката малку стагниравме. Имаме реге-проект кој се вика БРООКА, автентично македонско реге, со примеси на рап, односно мешавина на стилови. Сега подготвуваме нов албум. Ќе промовираме плоча со The Best Off на самиот роденден. Засега сè оди одлично, позитивни се реакциите и затоа очекуваме на 13 декември да дојдат сите пријатели и љубители на рапот и заедно да уживаме во МКЦ. Не мирисаме на нафталин и не се даваме, ние сме Петар Пан“, велат близнаците од Пука Козметика.

Од спортски аспект, Даре и Жаре секогаш биле активни, посебно на навивачката сцена. Вардар е нивниот главен приоритет, а од кошарката тука е МЗТ Скопје Аеродром.
„Вардар ни е голема љубов. Започнавме како Комити во Хиподром, потоа Комити Ново Лисиче. Од кошарката навиваме за МЗТ Скопје, тој е репрезентот на Аеродром и Ново Лисиче. Од меѓународната сцена гледаме фудбал и најчесто навиваме за послабите екипи, па така во Премиер лигата сме за Вест хем, а во шпанското за Атлетико Мадрид. Жаре е за Фиорентина во Италија, а Даре за Милан од времето кога играа холандските ѕвезди во овој тим. Секако, секогаш ја поддржуваме и Македонија. Сонот е да играме на Светско првенство. Веруваме во Македонија и затоа на тикетот обавезно ќе биде и дуелот меѓу Велс и Македонија“, завршија близнаците кои се срцето и душата на Пука Козметика цели 30 години.


