Пукна бомбата во Аеродром: Војдан Стојановски потпиша за МЗТ Скопје!

МЗТ Скопје Аеродром се засили со капитенот на македонската кошаркарска репрезентација Војдан Стојановски.

Војдан во МЗТ ќе настапува заедно со својот брат-близнак, Дамјан, тандем од кој во клубот очекуваат да биде движечка сила на патот кон одбрана на двојната круна на домашната сцена и атак на пласман во АБА-лигата.

За Војдан Стојановски ова ќе биде враќање во македонската клупска кошарка по повеќе од една деценија, со оглед на тоа што интернационалната авантура ја почна во 2011 година, кога замина за Украина.

Од тогашниот настап за Черкасеи мавпи, македонскиот репрезентацивец настапуваше за Доњецк, Алба Берлин, Андора, Реал Бетис, Бујукчекмече, Олденбург, По Ортез и Гравелин. Кариерата ја почна во Вардар, а има играно уште и за АМАК-СП, Напредак Крушевац и за Фени индустри.

Сезонава закрепнуваше од повредата на коленото, по која сега е стоотстотно подготвен да го даде максимумот во дресот на МЗТ Скопје Аеродром. Неговиот договор е до крајот на сезоната, со можност за евентуално понатамошно продолжување на соработката ако двете страни најдат заеднички јазик по одигрувањето на последниот меч.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести