Пукна ли тиквата во Баерн? Флик и Салихамиџиќ се скараа кој да биде главен

Ханси Флик и Хасан Салихамиџиќ се во отворена клупска битка во Баерн, кој да биде главен во однос на трансферите на играчите, а двајцата соработници во редовите на германскиот и европски првак се скараа во незгоден момент.

Баерн има многу проблеми со повреди на играчите во клучниот дел од сезоната, а Флик долеа масло на огинот со изјава дека сега тимот е послаб од ланскиот.

„Тренер сум на Баерн година и пол и можам да кажам дека квалитетот на тимот лани беше поголем во однос на овој што го имаме сега. Тоа сите го знаат и се сложуваат со мене.

Не ги напаѓам момците што го носат дресот на Баерн, бидејќи сите без исклучок се големи професионалци и верни на клубот, но тоа е вистината“, изјави Флик.

Тренерот што во ланската сезона освои пет пехари со клубот сака да има поголеми овластувања околу трансферите во Баерн, односно повеќе да одлучува кои играчи ќе си заминат, а кои ќе бидат ангажирани, што влегува во доменот на спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ.

Германските медиуми неодамна објавија дека Флик и Салихамиџиќ не зборат меѓусебе, а дури во една од кавгите тренерот рекол дека ќе размисли околу својата иднина во Баерн.

Флик има понуда да биде нов германски селектор, по заминувањето на Јоаким Лев, планирано по настапот на „Елфот“ на Европското првенство во јуни и јули.

 

- Оглас -

Најнови вести