Овој викенд дочекавме младиот Дарко Чурлинов за првпат да заигра во Бундеслигата, во дресот на Келн, Влатко Стојановски дебитираше во францускиот шампионат, а Александар Трајковски ја збогати македонската колонија во првата шпанска лига, покрај Енис Барди.
Ако на овие тројца им ги додадеме тројцата од Серија А, Горан Пандев, Елиф Елмас и Илија Несторовски, можеме да се пофалиме дека имаме репрезентативци во четири од петте најсилни лиги во Европа. Фаќаме услов, кажано со обложувачки речник.
Само во англиската Премиер лига немаме претставник, Езџан Алиоски е едно скалило подолу, во Шампионат лигата и можеби веќе следната сезона ќе имаме играчи во сите топ-лиги. Никогаш не сме имале истовремено играчи во топ 5 лигите. Тоа ќе биде најголем бонус досега.
РЕЧИСИ НИКОЈ НЕ СЕ ИЗНАИГРА ВО МАКЕДОНИЈА, А ИМ ТРГНА ВО СТРАНСТВО
Чурлинов е најмлад фудбалер кој заиграл за сениорскиот национален тим и како јуниор замина надвор. На терените во дрес на некој македонски клуб во сениорска конкуренција се нема појавено. Ретко кој се сеќава декаТрајковски пред 10 години играше за Цементарница, пред да замине во Хрватска.
Стојановски во Ним премина како прв стрелец од домашното првенство, но и тој е релативно млад, а трансферот од Ренова беше големо изненадување за голем дел од љубителите на фудбалот. Сега ќе треба и него да го повикаат во репрезентација. Штом е добар за да игра во Франција, ќе го биде и како „рис“.
И во минатото имаше случаи како оној со Игор Митревски, кога како „анонимен“ замина надвор и играше дури и во Лигата на шампионите и преку ноќ им ги отвори очите на селекторите, па стана незаменлив во репрезентацијата, а додека играше за Силекс, никому ништо.
Несторовски добро почна во Победа, но потоа, кога се врати од Словачка и Чешка во Македонија во дресот на Металург, за него немаше место. Ама имаше место во Хрватска, каде што стана прв стрелец и си направи трансфер во Италија. Се разбира, мораа да го викнат во тимот А и сега е прва опција во нападот.
Талентот на Пандев и Елмас беше рано препознаен, немаше шанса подолго да се задржат во родната земја, па и нивниот напредок е поврзан со играњето надвор. Алиоски е роден во Македонија, но никогаш не играл за македонски клуб. Барди тренираше во Шкупи и Ал Барса, но првиот професионален меч како сениор го одигра во странство.
МОЖЕБИ ЌЕ СЕ БОРАТ ЗА ОПСТАНОК, АМА НЕМА ДА ИСПАДНАТ
На Ним и Стојановски нема да им биде лесно во францускиот шампионат, го почувствуваа тоа во првите две кола. Бодовите кога-тогаш ќе дојдат, но битката ќе биде тешка. Лично Стојановски може многу да добие сезонава, сè зависи од него, а првите 20-тина минути кои ги одигра ветуваат дека ќе ги оправда очекувањата.
Слично е и со Келн, и за Чурлинов најважно е да собере драгоцено искуство кое потоа ќе го пренесе во репрезентацијата, без разлика дали младинската или сениорската.
Трајковски со Мајорка не би требало да има проблем околу опстанокот, а ако се отвори шанса, може да се искачат и до место во Лигата на Европа. Тој првпат игра во Шпанија, но доволно е искусен за да не се чувствува како загубен во „шпанско село“.
Во нашата земја успехот не се простува, сите што направиле нешто, имаат непријатели и за секого ќе се најдат такви што ќе коментираат негативно. На интернационалците без разлика дали играат во Топ 5 лигите или на друго место, им посакуваме успех, бидејќи се промотори на државата, а и кога играат во црвено-жолтиот дрес, секогаш сме на нивна страна.