МЗТ Скопје Аеродром и сите негови навивачи никогаш нема да го заборават датумот 6 ноември, денот кога е остварена најголемата победа не само во клупската историја на тимот, туку воопшто највредната победа во клупската кошарка на Македонија. На овој ден точно пред 27 години во старата сала „Јане Сандански“ гостуваше најтрофејниот европски клуб Реал Мадрид и загуби!
Аеродромци направија сензација откако успеаја да победат со 69:68 против Кралскиот клуб. Легендарни беа поените на Перо Блажевски од слободни фрлања на три секунди до крајот, а потоа настана ерупција од радост во салата.
Убави се сеќавањата на таа победа, но лошо е кога ќе се присетиме каде беше тогаш клупската кошарка во Македонија, а каде е сега. За потенцирање е дека историската победа над Реал Мадрид, аеродромци ја остварија само со еден странец во тимот, легендарниот Марк Дин. Сите останати беа домашни кошаркари, што само потврдува каков квалитет имало во Македонија.
За разлика од пред 27 години, клупската кошарка во Македонија сега е на очајно ниво. МЗТ Скопје Аеродром игра во втората лига на регионалната АБА-лига, каде што се и ТФТ Скопје и Пелистер.
Работнички и Феникс играа во Европскиот куп и се посрамотија. Работнички загуби три пати на домашен терен, еднаш доби и лекција во пораз од 30 разлика, додека Феникс загуби дури и со 47 разлика, што само потврдува во каква очајна состојба е домашната клупска кошарка во моментов.