Рускиот претседател Владимир Путин сакаше лично да му честита на Хабиб Нурмагомедов, за победата против Конор Мекгрегор во УФЦ шампионатот. Нурмагомедов со гушење на противникот во четвртата рунда, го доби мечот на деценијата и ја одбрани титулата. Русинот кој доаѓа од Дагестан сега има 27 победи во исто толку меча.
На средбата со претседателот Путин, Хабиб истакна дека му е жал што не можел по мечот да се воздржи и што ја прескокнал оградата на рингот за да се степа со дел од членовите од тимот на Мекгрегор. Нурмагомедов своето однесување и излегувањето од октагонот за да се тепа го објасни со тоа што веќе не можел да ги издржи навредите кои во претходните денови ги слушал од таборот на Мекгрегор, а се однесувале лично на него, на неговиот татко, државата и неговата вера.
Освен Хабиб, на средбата со Путин присуствуваше и таткото на Нурмагомедов, а рускиот претседател на шега го замоли постариот Нурмагомедов да не биде премногу строг кон својот син бидејќи такво нешто може да му се случи на секого.
„Не само ти, сите ние можеме на ист начин да ја прескокнеме оградата, доколку некој нѐ нападне“, беше одговорот на Путин за тоа што Хабиб го направи по завршување на дуелот против Конор Мекгрегор.