Адриен Рабио изјави дека е импресиониран од својот соиграч во Милан, Лука Модриќ, по победата над Наполи од 2-1.
Рабио формира импресивен централно-офанзивен тандем во средниот ред со Модриќ, кој и на 40 години продолжува да има големо влијание во својата прва сезонa во Серија А.
„Играта со Лука е лесна бидејќи тој знае како да го контролира темпото. Искрено, не знам како успева да трча 90 минути на 40 години. Тој го обожува фудбалот, се забавува на теренот, сака и да брани и да напаѓа. Овој тим има многу квалитет, а ние уживаме и во дефанзивата, иако не беше лесно со 10-мина играчи, но покажавме на што сме способни“, призна Рабио.
Французинот се врати во Серија А само по една година во Олимпик Марсеј, а следната недела ќе се соочи со поранешните соиграчи од Јувентус на „Алијанц“ во Торино.
„Многу се радувам што ќе се вратам на стадионот во Торино, особено знаејќи дека Милан е на врвот на табелата. Се разбира, сакам да победам, но најмногу сум среќен што сум повторно во Серија А. Поминав пет години во Јувентус, така што ќе биде емотивно за мене, но сега сум во Милан и се надевам дека Милан ќе победи“, изјави францускиот интернационалец.