Бојан Маркоски ја почна сезоната како тренер на Работнички и го предводеше во Европа, но потоа дојде до разделба. Сепак, не чекаше многу за нов ангажман, и тоа интернационален. Дојде понуда од кипарскиот Енозис, клуб каде што своевремено настапуваше и како фудбалер, да го преземе кормилото.
Енозис е последен на табелата, беше речиси во безнадежна ситуација и кога дојде повикот за Бојан Маркоски, но тој има комплетна поддршка од раководството на клубот.
„Се обидуваме да ги реорганизираме работите. Тимот е последнопласиран, но раководството има доверба во мене да ја извршиме реконструкцијата. Создадовме добар состав, имам и двајца Македонци во составот, Марко Симоновски и Демир Имери. Можам да кажам дека ќе се бориме храбро и достоинствено до крајот, а ова за мене е одлична можност за докажување и тренерско усовршување“, вели Бојан Маркоски.

Тој, се разбира, го следи и македонскиот шампионат, чиј пролетен дел почна пред неколку дена и очекува да биде мошне интересно и во трката за шампионската титула и во битката за опстанок.
„Се чини дека лигата, односно табелата, како да е поделена на два дела, екипи кои се борат за титулата и оние на кои им „гори под нозе“ и ќе се борат до крај за опстанок. Вардар, Струга Трим Лум и Шкендија се тимовите што ќе „трчаат до крај“ за шампионскиот пехар. Мислам дека сепак Вардар ќе биде шампион затоа што има одредена предност, а има и одличен тим. Но, дефинитивно ќе биде интересно, а ќе решаваат меѓусебните натпревари на овие три тима. Мошне возбудливо ќе биде и во битката за опстанок, каде што сериозно загрозени се клубови кои во минатото беа шампиони. Искрено му посакувам на Работнички да обезбеди опстанок, но навистина ќе биде тешко, со оглед на моментната бодовна ситуација. Во „играта“ се уште неколку клубови со голема традиција, но затоа фудбалот е и толку возбудлив“, истакнува тренерот на кипарскиот Енозис.
Секако дека го следи и европскиот фудбал и ќе се обиде да го погоди хуманитарниот тикет.
„Искрено, не сум многу успешен при типување, но ќе дадам сѐ од себе да го погодам хуманитарниот тикет во Sport Life и потоа средствата да ги донираме таму каде што се најпотребни“, заврши Бојан Маркоски.


