Екипата на Работнички ги привршува подготовките во Хрватска, а денеска од 17:30 часот треба да го одигра последниот контролен дуел. Противник е тимот на Ал-Етифак од Саудиска Арабија, кој во последниве неколку недели стана и светски познат.
Во Ал-Етифак игра македонскиот репрезентативец Дарко Велковски, а од неодамна негов тренер е легендарниот капитен на Ливерпул, Стивен Џерард. Покрај Џерард, на екипата треба да ѝ се приклучи и досегашниот капитен на Ливерпул, Џордан Хендерсон, кој прифати да биде дел од овој клуб и ќе биде еден од најплатените фудбалери во светот.
Тимот од Саудиска Арабија исто како Работнички е на подготовки во Хрватска и досега одигра четири меча, а нема ниедна победа. Одигра 1:1 против Алуминиј од Словенија, потоа загуби од Вараждин со 2:1, одигра 1:1 против Залаегершег и пред три дена беше поразена од Локомотива Загреб со 1:0.
И Работнички нема успешни резултати на подготовките. Ремизираше против Тиквеш (2:2), а загуби двапати од Ашдод со 1:4 и 2:4, како и 1:4 од Трабзонспор. Единствено Романтичарите беа подобри од Гросуплје со 2:1.