Работнички не отстапува од својата стратегија, да гради тим со најталентираните млади македонски фудбалери. Kлубот денеска официјално ги претстави новите надежи: Лорент Жаку и Дитмир Хоџа, двајца тинејџери со голем потенцијал.
Двајцата млади репрезентативци потпишаа тригодишни професионални договори и веднаш беа приклучени на првиот тим како дел од проектот за иднината на Романтичарите.

Со овој потег, Работнички победи во трката за потписите на Жаку и Хоџа, кои беа на радарот и на неколку други прволигаши, меѓу кои најголем интерес покажале Шкендија и Струга Трим Лум.

Жаку игра како плејмејкер во средниот ред, додека Хоџа настапува како напаѓач. И двајцата важат за едни од најперспективните фудбалери во своите генерации, тие се младински репрезентативци на Македонија, а Работнички верува дека со нивна помош ќе изгради конкурентен тим за иднината.