13.8 C
Skopje
петок, 11 јули 2025

Работнички и Силекс загубија со „хендикеп“ во своите европски мечеви

Работнички загуби со 0-3 од белоруски Торпедо-Бегаз од Жодино, додека Силекс беше поразен од црногорскиот Дечиќ со 0-2 во дуели од првото квалификациско коло во Конференциската лига на УЕФА.

Торпедо-Бегаз дојде во водство од првата шанса во 11-тата минута. Беше изведен корнер од левата страна, топката во срцето на шеснаесетникот дојде до Павел Седко кој успеа да го совлада Васко Василев.

Во 20-тата минута Максим Скавиш упати удар со глава, но не беше прецизен.

Во 26-тата минута прва сериозна закана на Работнички. Калани Алмеида шутираше по одличниот продор на Кадриу од десната страна, но одбраната на Торпедо ја блокираше топката која одеше кон мрежата. Во 42-та минута најдобра шанса за Работнички. Кадриу уфрли од десната страна, Дашмир Елези зафати полуволеј, но шутираше над голот.

Во 64-тата минута Торпедо-Бегаз поведе со 2-0. Вадим Побудеи се реши на удар од 25 метри и успеа да ја затресе мрежата на Работнички. Третиот гол падна во 94-та минута кога погоди Стефен Алфред. Мечот се одигра во унгарскиот град Сомбатељи.

Силекс гостуваше во местото Тузи во близина на Подгорица, мечот се одигра на ветровито време.

Екипата на Дечиќ поведе со гол на Андреј Бајовиќ кој во 39-та минута со шут од 15-тина метри го погоди долниот десен агол.

Задачата на кратовци дополнително се закомпликува во 49-та минута кога повратникот и големо засилување Мартин Мирчевски направи груб фаул за кој доби директен црвен картон, па Силекс остана и со човек помалку, а Мирчевски ќе го нема ни на реваншот.

На 2-0 зголеми Ибрахим Ндиаје во 70-та минута со шут со глава, шест минути по влегувањето во игра.

Во 83-та минута Силекс ја погоди стативата, а веднаш потоа домашните тргнаа во контра и не искористија прекрасна прилика за гол.

- Оглас -

Најнови вести